Како до остварување на вашата новогодишна резолуција што ќе трае цела година

 

 

Како до остварување на вашата новогодишна резолуција

Новогодишни резолуции – не правете ветувања коишто не можете да ги остварите. Оваа
година направете неколку мали промени во исхраната коишто ќе поттикнат постигнување
на големи резултати.

Дали се сеќавате на новогодишната резолуција што ја направивте минатата година? Да
претпоставиме дека, како и повеќето луѓе, си ветивте дека ќе се храните поздраво, ќе вежбате
повеќе, па дури и дека почесто ќе користите забен конец. Навраќајќи се на минатата година, колку
од сево ова е навистина практикувано? Дали ги постигнавте сите ваши зацртани цели? Или, пак,
започнавте според планот, но набрзо се вративте на старите навики и затоа треба пак да
започнете одново и оваа година? Ова можеби ќе ве изненади, но, во ред е, и сега ќе дознаете
зошто. Ако секој јануари донесувате одлука дека ќе бидете во форма – тоа значи дека се грижите
за самите себеси. Да не беше важно, немаше да се навраќате на ова. И само поради тоа што ги
правите истите ветувања, не значи дека ништо не сте постигнале минатата година.

Секое подобрување е добро

Можеби не сте вежбале колку ште сте посакувале или не сте внимавале при исхраната колку што
сте планирале. Но, доколку сепак сте подобро отколку пред една година, тогаш веројатно е така
затоа што сте успеале да елиминирате или намалите некои лоши навики. И тоа е одлично – зашто
малите промени коишто ги спроведувавте и ќе продолжите да ги правите секојдневно постепено
ќе придонесат за поголем успех во новата година.

Не претерувајте со многу промени одеднаш

Убаво е да бидете амбициозни, но доколку загризете преголем залак – голема е веројатноста дека
нема да успеете. Правењето на новогодишна резолуција е лесно, но одржувањето е тешко,
бидејќи мора да ги правите работите различно. Остранување на лоша навика одзема време и
затоа повторувањето е многу важно. Но, секогаш е полесно да се повтори мала, релативно лесна
навика, отколку некоја по која ќе се почувствувате како Херкулес. Исто така, ќе треба да ги
пронајдете препреките и да научите како да ги избегнувате.

Да речеме дека не користите забен конец колку што е потребно. Што е тоа што ве спречува? И што
ќе преземете за да го правите тоа редовно? Бидејќи одзема едвај неколку минути, сигурно не
станува збор за недостаток на време. Но, треба да се осигурате дека имате забен конец дома и да
ви биде во видно поле кога ги миете забите. Ви треба и огледало за да знаете што правите.
Можеби ќе решите дека, наместо да го зафрлите конецот за заби на дното на некоја фиока во
бањата каде што вообичаено стојат работите што ретко ги користите, ќе си направите мало катче
со прибор за забите којшто ќе се состои од четка за заби, паста, конец и огледалце. Кога се ќе биде
на едно место, многу веројатно е дека ќе практикувате и користење на забен конец.

Отстранувајте ги препреките што се појавуваат на вашиот пат до целта

Истото важи и за тоа како се храните. Разберете што е тоа што не го правите според планот и како
би си олесниле на самите себеси. Лесно е да се каже дека ќе јадете повеќе овошје и зеленчук, но
тешко е ова да се преточи во дело ако ги немате како залиха дома. По купувањето, олеснете си на
тој начин што ќе чувате некое овошје во замрзнувачот за смути или шејкови или во корпа за
овошје на масата или во фрижидерот за редовно да ве потсетува да си направите здрава закуска.

Во секој случај, бидете реалистични во зацртување на цели коишто знаете дека можете да ги
остварите. Ако никогаш не сте носеле храна на работа од дома, малку веројатно е дека тоа ќе го
правите без исклучок. Затоа дефинирајте конкретни и разумни цели. На пример, „ќе си носам
храна на работа два пати неделно“, наместо „ќе си носам храна од дома секој ден на работа“.
Така на крајот на седмицата полесно ќе заклучите дали сте ја исполниле целта.

Избери ја брзината и пакетот со кој што сакаш да почнеш

Коментирај

Your email address will not be published. Required fields are marked *